Search This Blog

Monday, July 31, 2006

Рамковна Археологија

Археолог од Албанија да учествува на археолошките ископувања е условот што го поставиле сопствениците на земјиштето во кумановското село Липково, ако нашите стручњаци сакаат да ископуваат на некрополата каде што 24 века лежат закопани најмалку две мумии. Археолошките ископувања се закажани за септември. Бехиџудин Шехапи, директор на Националниот центар за конзервација, објаснува дека сопствениците на земјиштето се согласиле да се направат археолошки истражувања на теренот, но барале да има археолог-Албанец.

„Дневник“ во март објави дека сопствениците на земјиштето не дозволуваат никому да припари на локалитетот, ниту да го фотографираат профилот на земјата од која стрчеле две нозе од природно зачувано тело и ковчег од издлабено стебло во кое се наоѓа и другата мумија. Залудни биле ургенциите кај липковскиот градоначалник да разговара со своите сограѓани и да ги убеди да им дозволат на стручњаците да направат увид, да го фотографираат и документираат епохалното откритие. Обидот за увид го направиле стручњаци од Националниот центар за конзервација и од Управата за заштита на културното наследство лани на 20 јули. Откако инспекцијата си заминала, по неколку дена сопствениците на земјиштето ги затрупале мумиите.

Телата се наоѓаат во месноста Кисела Вода, на патот што води во Липково, крај млинот на кој пишува „Браќа Вејсели“. „Дневник“ објави дека местото на кое се закопани телата воопшто не се чепка. Населението го почитува култот кон покојниците.

Липковскиот регион е познат по мумиите што биле таму пронајдени пред повеќе од 40 години. Првите мумифицирани тела биле откриени во 1957 година, кога се градел пристапниот пат кон браната на Липковското Езеро. Двете неоткопани тела лежат во сива глина - совршена средина за природно да се зачуваат телата на покојниците. Едниот од нив, чии нозе стрчеле од земјата, носи панталони од коноп и обувки. Археологот Звонимир Николовски од Управата за заштита на културното наследство раскажува дека веднаш се сетил на својот професор Иван Микулчиќ, кој му објаснувал какви биле мумиите што тој ги откопувал во Липковско во 1963 година.

Изворно тука.

No comments:

Blog Archive

Site Meter