Search This Blog

Thursday, June 14, 2012

ДОЈРАН ... Дојранско Езеро

сл.1  Дојран ја крие приказната за убавата Дојрана која како богиња на Дојранското езеро ги мами луѓето да дојдат и да одморат душа на бреговите на Дојранско езеро, под дебелите сенки на старите чинари. По спасот на Дојранското езеро од неговото еко умирање, Дојран полека го враќа сјајот и луѓето ... Некогаш Дојран беше познат по лековитоста на алгите, по бројните фабрички летовалишта, извиднички кампови, приколку и евтин работнички туризам.

сл.2  Дојрана, приказ на познат дојрански уметник ...
сл.3  Слатко од дојрански диви смокви, ммммм ... со мирис на Дојранско езеро
сл.4  Сааткула ... Точната година кога е изградена не се знае. По народните кажувања таа е изградена во 14 век и тоа во првите години по освојувањето на градот од страна на Турците во 1372 година. ... ... Под Саат кулата постои стар објект веројатно од турски период - кој очито бил некаков административен објект ... очито е дека некогаш бил опожарен а сега е на забот на времето како и Саат кулата ...
сл.5  легендата за Дојрана живее ...
сл.6  Градска Бања - Амам ... За оваа бања не се знае кога е изградена но се зборува дека секој ден работела и тоа се до 1916 година кога е и разрушена. Но се знае дека се состоела од повеке простории од кои едни биле за жени, а други за мажи и се знае дека во секоја просторија имало и чешми. Водата до бањата била носена преку ќерамидни цевки од месноста Дере-Баш, 2 km западно од Дојран. Водата се загревала со дрва ( ќумур) во казан и тоа во посебна просторија каде од таму течела во чешмите од кои се миеле граѓаните.Во бањата оделе граѓани од сите националности, а тоа што е најинтересно е тоа дека за идните невести имало посебна церемонија и оделе на посебно моминско бањање. ...
сл.7  Црква "Св.Илија" ...
- На самиот влез во Стар Дојран се издига каменото ридче, на чив врв гордо и исправено стојат урнатините на црквата Св. Илија. Уште од далеку со својата раскошна градба го тера патникот да размислува за неа, па и за градот Дојран. Изградена во 1848 година. Со доброволни прилози од дојранските верници. Главен архитект бил Ѓорѓе Новаков од село Папрадиште - Велешко.
- По самата изградба, турскиот Султан со указ ја дава на користење на грчките попови, односно на грчката патријаршија. Бидејки дојранските верници не го разбирале грчкиот јазик побарале од Султанот да им ја даде на управа ним, односно богослужбата да се врши на словенски јазик. Султанот гледајки ја желбата на 2/3 од христијанските семејства во Дојран, со посебен указ црквата ја дава на Егзархијата како бугарска црква. Бугарскиот јазик како словенски јазик бил поразбирлив и поприфатлив за верниците, но не било реткост поповите богослужбите да ги служат и на македонски јазик. Губејки ја црквата, грчката патријаршија за потребите на своите верници, западно од таа црква, преку рекичката, изградиле нова црква во 1911 година која меѓу народот ке остане запаметена како "Грчка црква". Духовната поделеност на дојранчани ке живее се до рушењето на градот за време на Првата Светска Војна поточно до 1916 година.
- Со горењето на црквата "Св. Илија" изгорел голем дел покуќнина и богатство на дојранчани. Црквата Св. Илија со својата должина од 30 метри, широчина од 20 метри и висина од 10 метри претставува вистинска архитектонска убавица на овие простори во Македонија. Со своите 600 м2 внатрешен простор и на два спрата можела да собере околу 600 верници.
сл.8  Рај за риболовците, дебела сенка, шатор, ракиичка, мезе, риба ...
сл.9  Дојранско езеро мами ...
Имав проблем да се одлучам за која ке биде првата фотка од овој албум. Се одлучив за оваа каде се гледа споменикот на Дорјана, убавата мома од Дојран за која се врзува легендата за убавата Дојрана и заљубениот турски султан ... во позадина на Дојрана е апликација на рибарската куќичка, која е карактеристика на прастариот начин на ловење на риба во Дојран со помош на кормораните ... секако и на прастарите дојранчани кои живееле во наколни населби во Дојран ...

Историската приказна за Дојран и Дојрана најдобро ке ја прочитате на сајтот на Градот Дорјан кој е добро надополнуван:

Легендите за Дојрана, момата по која градот и езерото го носат името: преземено од тука

Прва легенда:

Во градот имало една убава мома што се викала Дојрана. Таа била заљубена во овчарчето Лабин. Еден неделничен ден на сред град се виело оро каде биле собрани сите моми и ергени. Тука била и Дојрана со Лабин. Во тој момент доаѓа Џемо арамбашата, кој откако ја здогледал убавата Дојрана, ја грабнува, а Лабина тешко го ранува со сабјата. Дојрана од големата лутина и омраза кон Џемо скокнала од коњот на Џемо и се стрчала накај Лабин. Иако ранет, таа успева да го довлечка до езерските води и за да не бидат заробени од Џемо, се дават во езерото. Од тој трагичен настан, езерото според легендата се нарекува по името на Дојрана, Дојранско Езеро, а градот го добил името Дојран.
Според горезапишаната легенда и големиот македонски композитор Трајко Прокопиев го напишал балетот "Лабин и Дојрана". Овој балет за прв пат е изведен во сезоната 1957/58 година.

Втора легенда:

Во градот Полин имало една многу убава девојка што се викала Дојрана. Била висока црноока, со витка става. Дојрана со своите другарки секоја вечер доаѓала на чешмата која се наоѓала во пространата долина источно од градот. Една вечер кога Дојрана отишла по вода со своите другарки, кај чешмата дошол и нејзиниот мерак, убавиот Лабин. Додека Дојрана и Лабин си збореле за нивните љубовни чувства, другарките на Дојрана ги наполниле бардињата и ѓумовите со ладна вода и тргнале накај дома. Дојрана и Лабин останале сами. Се задржале подолго време. Кога увиделе дека другарките си заминале и ја оставиле сама, многу се збунила па затоа на брзина ги наполнила со вода своите бардиња и побрзала да ги стигне другарките. Било ноќ и, и било страв да си оди оди дома сама. Во тоа брзање да ги стигне своите другарки ја заборавила чешмата отворена. Големата количина вода од чешмата течела цела ноќ па другиот ден народот со чудење гледал дека целата долина е исполнета со вода и наместо убаво тревно поле, настанало езеро. Бидејки Полјанци дознале дека Дојрана ја заборавила чешмата да тече цела ноќ, односно таа е виновникот што настанало езерото, по нејзиното име го нарекле Дојранско Езеро, а градот го нарекле исто така по нејзиното име Дојран.

Секој кој сака да посети одредено примамливо, туристичко место до денешно време може предходно а и одпосле да го спознае преку интернет сајтовите и многуте фотографии на луѓе кои несебично ги споделуваат со другите ... интернетот се повеќе станува место кое е незаменливо за вакви потреби ...

Оние кои сакаат да направат визуелна тура со помош на Гоогле Мапс нека почнат од овој линк

Оние кои ги сакаат мапите нека се прошетаат низ мапата која е понудена на сајтот на општината:

Во мојтата прошетка по Дојран низ фотографиите ке ве пренесам на неколкуте историски и култни места од Дојран (кои во оваа прошетка успеа да ги забележи окото на мојот фотоапарат ...) а и на куќите на дојранчани и некои други места ... Топло го препорачувам Дојран на сите љубители на туристичкиот разглед на Македонија. За да се спознаеме себеси и нашиот идентитет (по кој трагааме сите но некои на погрешен начин ...) мора да ја запознаеме државата ни ... Оние кои пак сакаат во летните месеци на да посетат Дојран треба да прочитаат за лековитоста на алгите од Дојран и воздужната бања која се нуди на Дојранскиот брег под дебелите сенки на дојранските прастари платони кои со своите огромни крошни мамат да поседиш под нив и да се предадеш на благото поветарче ...

*** Повеќе фотографии на мојот ФБ профил на линкот тука.

No comments:

Blog Archive

Site Meter